Данските политичари дадоа зелено светло за изградба на гигантски остров, што ќе обезбедува доволно енергија за три милиони домаќинства.
Најавен како прв енергетски остров на светот, тој ќе има големина на 18 фудбалски игралишта (120.000 квадратни метри), со надеж дека тројно ќе се зголеми во иднина и ќе се наоѓа во Северно Море, на 80 километри од брегот. Островот ќе служи како центар за 200 турбини со височина од 260 метри и ќе биде во полусопственост на државата и приватниот сектор.
„Ова е огромно. Тоа е следниот голем чекор за данската индустрија на ветерни турбини. Ние бевме лидери во производството на копно и сега правиме чекор напред со изградбата на овие енергетски острови. Данската индустрија несомнено ќе остане во пионерска позиција“, изјави Јакоб Естергoрд од Техничкиот универзитет на Данска.
Покрај Данска, со електрична енергија произведена на островот ќе се снабдуваат и соседни земји, па се очекува корист од него да имаат и Велика Британија, Германија и Холандија.
За овој вештачки остров, кој претставува најголем градежен проект во историјата на Данска, ќе бидат издвоени околу 210 милијарди круни, односно 28 милијарди евра.
Изградба на помал енергетски остров веќе се планира покрај Борнхолм во Балтичко Море. Германија, Белгија и Холандија потпишаа договори за снабдување со електрична енергија од овој остров.