„ПЕРСЕВЕРАНС“ ДОНЕСЕ ЕДЕН ТОН ТЕХНОЛОГИЈА НА МАРС, НО НАЈРАНО ВО 2031 ЌЕ СЕ ДОЗНАЕ ДАЛИ ОТКРИЛ ЖИВОТ

Кејп Канаверал, (Би-Би-Си)

Од вчера, на површината на Марс има нов робот.

Роверот „Персеверанс“ синоќа во 21:55 часот по македонско време испрати сигнал на Земјата дека успешно слетал во кратерот Језеро, каде што ќе остане најмалку две години и ќе дупчи во почвата, барајќи траги на древен примитивен живот. Се верува дека пред 3,5 милијарди години кратерот долг 49 километри бил огромно езеро, па постои можност во него да имало и живот.

„Добрата вест е дека возилото е во добра состојба“, изјави Мет Волас, заменик проект менаџерот на мисијата на НАСА.

Првите фотографии од Марс ги испрати веднаш по синоќешното слетување (Фото: НАСА)

„Персеверанс“ се спушти на Марс откако во изминатите седум месеци патувал 470 милиони километри. Со погон на плутониум, тој претставува еден тон висока технологија, која вклучува седум напредни инструменти, 23 камери, неколку микрофони и голема дупчалка во вид на роботска рака.

Две камери со 13 мегапиксели се поставени на мал хеликоптер, кој ќе се обиде да го изведе првиот лет во разретчената атмосфера на Марс, што е опишано како марсовски „браќата Рајт“ момент.

„Персеверанс“ ќе собира примероци од карпи и почва и ќе ги складира во цевки, што ќе ги остава на површината на планетата. Тие со идни мисии ќе бидат донесени на Земјата и дури тогаш ќе може да се утврди што е пронајдено. Ова се очекува најрано во 2031 година.

„Сега почнува неверојатната наука. Ова е навистина почеток на нова ера“, изјави главниот научник на мисијата Томас Зурбукен.