ВИДОВ МНОГУ ДО ВЧЕРА ЗДРАВИ ЛУЃЕ КАКО СЕ БОРАТ ЗА ЖИВОТ, ИЗЈАВИ РАМБО АМАДЕУС ОТКАКО СЕ ИЗЛЕКУВАЛ ОД КОВИД-19

Подгорица, (Н1)

Прославениот црногорски музичар Рамбо Амадеус изјави дека имал повеќе среќа од Ѓорѓе Балашевиќ откако беше пуштен од инфективната клиника во Подгорица, каде што изминативе денови се лекуваше од ковид-19. Тој пред една недела потврди дека имал позитивен тест за коронавирус и дека се наоѓа во болница.

Треба да се чувам уште 20-ина дена, а потоа повторно ќе бидам оној стариот. Имав среќа што на време отидов на лекување на инфективната клиника, каде што работат надлуѓе, посветени експерти. Мојот почитуван колега Балашевиќ ја немаше таа среќа на време да дојде во рацете на лекари“, изјави Антоније Пушиќ, како што му е вистинско име.

Балашевиќ почина на 19 февруари од пневмонија предизвикана од коронавирус.

Видов многу до вчера здрави луѓе како се борат за живот, па можам да се радувам што го победив овој вирус, за кој долго време не верував дека е толку опасен. Никој не би требало да се опушта. Сега ќе ми треба време да се вратам во форма, но и покрај сите рестрикции, барем никој не ми забранил да свирам гитара“, вели тој.