Хоророт „Бегај“, кој на Златните глобуси необјасниво беше ставен во категоријата комедија/мјузикл, е најдобро оценет филм на сајтот „Ротен томатос“ за 2017 година.
Режисерското деби на Џордан Пил има 99% позитивни оценки од критичарите и 87% од фановите.
Иако имаше премиера уште во февруари, „Бегај“ беше еден од оние филмови за кои се зборуваше преку цела година и се очекува да биде и во конкуренција за оскарите, откако претходно доби две номинации за Златен глобус: за најдобра комедија/мјузикл и за најдобра машка улога (Даниел Калуја).
На второто место на најдобро оценетите филмови за оваа година се наоѓа комедијата „Големата болка“ со 98% позитивни оценки, па следуваат „Данкирк“, „Чудесна жена“, „Леди Бирд“, „Логан“…