Дваесет и двегодишна девојка пред неколку дена беше брутално убиена од сопствените кучиња во Вирџинија (САД), во необјаснив случај што ја шокираше локалната заедница.

Бетани Стивенс беше нападната од своите два питбула кога биле на прошетка, иако ги усвоила уште кога биле кученца.

Што може да натера куче да се сврти против свој сопственик, експертите не знаат со сигурност, но, генерално, постојат неколку причини за тоа.

Ветеринарот Шон Вензли вели дека кучињата можат да станат агресивни кога ќе се почувствуваат загрозено.

„Мотивот за повеќето каснувања од куче е страв. Или заради територија. Тие чуват нешто што им е вредно. Ако биле учени да бранат нешто, тоа исто знае да резултира со агресија“, смета Винзли.

Тренерот на кучиња Керолин Ментит забележува дека голем број каснувања се случуваат во сезона на празници.

„За празниците ситуацијата се влошува. Во присуство на многу луѓе кучињата стануваат конфузни или запоставени. Ние можеме да се изразиме со зборови, а кучињата имаат само говор на тело. Тие сакаат да ни кажат нешто, а ние не ги разбираме“, вели Ментит.

Во 2014-15 година, 7.227 луѓе во Велика Британија побарале медицинска помош поради контакт со куче и од нив, 1.159 се деца под девет години.

Пред да касне, куче најчесто покажува неколку знаци на вознемиреност: си ги лиже усните, зазема понизок став, си ги свиткува ушите наназад, а опашката под нозете. Децата често погрешно ги толкуваат овие знаци.

„Ран тренинг е клуч за избегнување на идно агресивно однесување на кучето. Најдобро е да се почне уште кога се кученца“, вели Ментит.