ЕЗЕРО ВО ИНДИСКИТЕ ХИМАЛАИ КРИЕ СТОТИЦИ ЧОВЕЧКИ СКЕЛЕТИ, ЧИЕ ПОТЕКЛО ГИ ЗБУНУВА НАУЧНИЦИТЕ СО ДЕЦЕНИИ

Лондон, (Би-Би-Си)

Високо во индиските Хималаи, во снежна долина лежи зафрлено езеро со стотици човечки скелети.

Езерото Ропкунд се наоѓа на надморска височина од 5.029 метри, на дното на стрмна падина на една од највисоките индиски планини, Трисул. Останките се расфрлани наоколу и под мразот на „езерото на скелетите“, што прв го открил британски ренџер во 1942 година.

Езерото е замрзнато во најголем дел од годината, но во зависност од годишното доба и времето, се шири и намалува. Коските се видливи само кога снегот се топи. Се проценува дека во езерото има останки на 600-800 луѓе и локалните власти го промовираат како „мистериозно езеро“ во својата туристичка понуда.

Повеќе од половина век, научниците и антрополозите ги проучуваат останките и ги збунуваат низа прашања: Кои биле луѓето? Како умреле? Кога умреле? Од каде биле?

Коските се видливи само кога снегот се топи

Една теорија ги поврзува останките со индиски крал, неговата сопруга и нивните придружници, кои загинале во бура пред околу 870 години. Други сугерираат дека некои од нив припаѓаат на индиски војници кои се обиделе да го освојат Тибет во 1841 година, а трета популарна теорија вели дека езерото е масовна гробница на жртвите на епидемија.

Рани истражувања на скелетите покажале дека најголем дел од луѓето биле натпросечно високи и на возраст од 35 до 40 години. Општо верување е дека станува збор за група луѓе кои умреле наеднаш во некој катастрофален настан во 9. век.

„Езерото на скелетите“ прв го открил британски ренџер во 1942 година

Последното, пет години долго истражување, кое опфати 28 автори од 16 институции од Индија, Велика Британија и Германија, заклучи дека ниедна од овие теории можеби не е вистинита. Научниците испитале останки на 38 тела, од кои 15 женски и некои од нив се стари 1.200 години. Тие утврдиле дека мртвите се генетски различни и умреле во временски распон и до 1.000 години.

Ова кажува дека не станува збор за еден катастрофален настан, но сѐ уште е нејасно што се случило во езерото Ропкунд. Најинтересна е генетската разновидност на мртвите: една група има генетски сличности со луѓе кои денес живеат во јужна Азија, а други се ‘блиско поврзани‘ со луѓе кои денес живеат во Европа, како грчкиот остров Крит. Сѐ уште бараме одговори“, вели Идоин Харни, водачот на истражувањето.