ПСИХОДЕЛИЧНАТА СУПСТАНЦА ДМТ ПРВПАТ ЌЕ СЕ ИСПРОБА ВО ЛЕКУВАЊЕТО НА ДЕПРЕСИЈА

Њујорк, (Би-Би-Си)

Моќна психоделична супстанца што се користи во шамански ритуали за првпат ќе се испроба како потенцијален лек против депресија.

Се верува дека ДМТ би можел да биде алтернатива за значаен број луѓе кои не реагираат на конвенционалните лекови против депресија. Истражувачите сметаат дека терапија потпомогната од психоделици може да доведе до долготрајно олеснување на симптомите.

Сѐ поголем број докази укажуваат на тоа дека психоделичните дроги, во комбинација со терапија со разговор, се безбедни и можат да бидат ефективни во лекувањето на широк распон на ментални болести. Ова ќе биде првпат во клиничките тестирања ДМТ да се дава на луѓе со умерена или сериозна депресија.

Веруваме дека ефектите ќе бидат моментални и ќе траат подолго од конвенционалните антидепресиви“, вели Керол Рутлеџ од „Смол фарма“, фармацевтската компанија која го спроведува тестирањето.

ДМТ е познат како „духовна молекула“ поради начинот на кој ја менува човечката свест и создава халуцинации. Исто така е активна супстанца на ајахуаската, традиционална амазонска лековита напивка, која се користи за да се постигне духовно просветлување.