„ВРБА“ НА МАНЧЕВСКИ ОД УТРЕ ЌЕ СЕ ПРИКАЖУВА НА „ЕЈЧ-БИ-О ГОУ“

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Филмот „Врба“ на Милчо Манчевски утре во 20:30 часот ќе има премиера на стриминг платформата „Ејч-Би-О Гоу“ (HBO Go) на каналот „Синемакс 2“ (Cinemax 2). Продукцијата најавува дека „Врба“ ќе се емитува повеќе пати пред публика во 18 земји во текот на 2021 и 2022.

По светската премиера на филмскиот фестивал во Рим, „Врба“ се прикажа на над 20 филмски фестивали на четири континенти и освои пет награди, меѓу кои Сребрена палма на Мостра де Валенсија во Шпанија и награда за најдобар режисер на фестивалот Рејнденс во Лондон. „Врба“ ги сруши рекордите на гледаност во кината во Македонија, беше македонски кандидат за Оскар и влезе меѓу 40-те најдобри филмови во Европа според Европската филмска академија.

Во главните улоги се Сара Климоска, Наталија Теодосиева, Камка Тоциновски, Никола Ристески, Ненад Нацев, Петар Мирчевски и Ратка Радмановиќ.

Манчевски се подготвува за снимање на неговиот седми долгометражен филм „Кајмак“, поддржан од Агенцијата за филм, Данскиот филмски институт и од Македонската радио телевизија.