Фејсбук планира да отвори верзија на Инстаграм за деца до 13 години, што би им овозможило безбедно да се приклучат на оваа платформа. Според сегашните правила, децата до 13 години не можат да отворат профил на Инстаграм.

„Развиваме верзија на Инстаграм што би била под контрола на родителите, слично на апликацијата Месинџер кидс, која е за деца од шест до 12 години. Сѐ повеќе деца ги прашуваат своите родители дали можат да се приклучат на апликации за да комуницираат со пријатели. Моментално нема многу опции за родителите, па затоа работиме на развојот на дополнителни производи“, изјави портпарол на Фејсбук.

Шефот на Инстаграм, Адам Мосери, вели дека компанијата е свесна дека сѐ повеќе деца сакаат да ја користат апликацијата, но многу е тешко да се потврди нивната возраст и ништо не ги спречува да лажат кога се регистрираат.

„Едно од решенијата е да креираме верзија на Инстаграм за деца каде што родителите ќе имаат транспарентност или контрола“, изјави Мосери.