Исланѓаните добија ретка можност одблиску да сведочат на вулканска активност откако вулкан во близина на Рејкјавик еруптираше минатата недела за првпат по повеќе од 800 години.
Илјадници луѓе се упатија кон планината Фаградалсфјал, која во петокот почна да исфрлува лава, откако пристапот во прв момент беше блокиран. Од саботата попладне, забраната беше укината.
„Ова е апсолутно неверојатно. Мириса ужасно, но ми се допаѓаат боите“, изјави 21-годишниот Улвар Кари Јохансон.
Исланѓаните ја очекуваа ерупцијата веќе неколку недели, откако во земјата беа регистрирани повеќе од 50.000 земјотреси. Иако вулканот исфрли околу 300.000 кубни метри лава, експертите велат дека ерупцијата беше релативно мала и контролирана.