ЏОРЏ Р. Р. МАРТИН ПОТПИША БОГАТ ДОГОВОР СО ЕЈЧ-БИ-О ЗА НЕКОЛКУ НОВИ СЕРИИ

Њујорк, (Гардијан)

По огромниот успех на адаптациите на неговите книги „Игра на тронови“, Џорџ Р. Р. Мартин потпиша договор со Ејч-Би-О и неговата стриминг платформа „Ејч-Би-О макс“ за уште неколку телевизиски серии. Според „Холивуд рипортер“, петгодишниот договор има осумцифрена вредност.

Мартин моментално е вклучен во пет проекти на Ејч-Би-О, меѓу кои е и серијата „Куќа на змејот“, која ќе се случува 300 години пред настаните во „Игра на тронови“ и ќе се фокусира на семејството Таргарјен. Првата сезона од десет епизоди ќе почне да се снима следниот месец, а ќе излезе во 2022.

Еден од новите проекти ќе биде анимирана серија, а друг има работен наслов „10.000 бродови“ и ќе биде за кралицата Нимерија, која живеела 1.000 години пред дејството во книгите на Мартин.

„Игра на тронови“ е најнаградуваната серија во историјата, но фановите сѐ уште чекаат Мартин да ја доврши шестата книга од серијалот, „Ветровите на зимата“. Последната негова книга излезе во 2011.