ПОСЕТАТА НА МУЗЕИТЕ ПАДНАЛА ЗА 77% ВО 2020, ЕФЕКТИТЕ ОД ПАНДЕМИЈАТА ЌЕ СЕ ЧУВСТВУВААТ СО ГОДИНИ

Лондон, (Гардијан)

Посетеноста на најдобрите 100 музеи и уметнички галерии на светот паднала за 77% минатата година, откако пандемијата на коронавирусот доведе до досега невидени затворања, во што културата беше една од најтешко погодените области. Попрецизно, бројките паднале од 230 милиони посетители во 2019 на 54 милиони во 2020 година, објави „Арт њузпејпр“, кој веќе 20 години спроведува годишно истражување на оваа тема.

Лувр во Париз го задржа статусот на најпосетен музеј на светот, најмногу благодарение на изложбата за Леонардо да Винчи, која ја виделе 10.000 луѓе ден пред затворањето во февруари минатата година. Во текот на 2020, Лувр го посетиле 2,7 милиони луѓе, дури 72% помалку во однос на 2019, што довело до загуби од 90 милиони евра.

„Во нормална година, повеќе од девет милиони луѓе би дошле да ја видат ‘Мона Лиза‘“, вели Алисон Кол, уредничката на „Арт њузпејпр“.

„Тејт модерн“ во Лондон се најде на второто место со 1,4 милиони посети, што претставува намалување од 77% во однос на 2019. Музејот лани беше затворен 173 дена, остварувајќи загуби од 56 милиони фунти. Трети според популарноста се Ватиканските музеи, иако посетеноста била помала за 81%.

„Пандемијата имаше катастрофални ефекти врз музеите и општото расположение останува мрачно. На повеќето големи музеи ќе им требаат четири години за да се вратат во претпандемиската состојба“, смета Кол.