Советска адаптација на „Господар на прстените“, за која се верувало дека е изгубена, е повторно откриена и поставена на Јутјуб, 30 години откако е снимена. ТВ-филмот во два дела насловен „Хранители“ е снимен во 1991 година и е заснован врз книгата „Братството на прстенот“ од Ј. Р. Р. Толкин.
Емитуван десет години пред првиот дел на трилогијата на Питер Џексон, нискобуџетниот филм изгледа како да е од некоја друга ера со евтините костими, сценографија, а особено специјални ефекти. Голем број сцени повеќе наликуваат на театарска продукција отколку на долгометражен филм.
Музиката, компонирана од Андреј Романов од рок групата „Аквариум“, исто така придонесува за советскиот амбиент на продукцијата.
Филмот наводно бил прикажан само еднаш на телевизија, пред да исчезне во архивите на „Телевизија Ленинград“. Малкумина знаеле за филмот пред наследникот на оваа телевизија „5ТВ“ да го објави на Јутјуб минатата недела, при што за само неколку дена собрал 400.000 прегледи.
„Фановите со децении го барале филмот по архивите, но никаде не можеле да го најдат. Тој што го пронашол и го дигитализирал треба да добие споменик“, пишува рускиот магазин „Светот на фантазија“.