ЛЕГЕНДАРНИОТ РАПЕР ДИ-ЕМ-ЕКС ПОЧИНА НА 50 ГОДИНИ ПО СРЦЕВ УДАР

Њујорк, (Би-Би-Си)

Легендарниот американски рапер Ди-Ем-Екс почина на 50 години, пет дена откако претрпел срцев удар предизвикан од предозирање со дрога. Тој оттогаш бил приклучен на апарати за одржување во живот.

Со вистинско име Ерл Симонс, тој беше еден од водечките хип хоп изведувачи, кој во кариерата соработуваше и со Џеј-Зи, Џа Рул и Ел-Ел Кул Џеј. Има објавено осум албуми и трипати беше номиниран за Греми. Пет негови албуми беа на првото место на американската топ листа. Во 1998 година почна и актерска кариера и сними повеќе од 20 филмови.

Тој беше татко на 15 деца и неколку пати служеше затворска казна за разни обвиненија, а за своите проблеми со дроги често зборуваше јавно.

„Ди-Ем-Екс беше брилијантен уметник и инспирација за милиони низ цел свет“, соопшти издавачката куќа „Деф џем рекордс“.