ЕВРОПА ПОВТОРНО СЕ ПОВРЗУВА СО НОЌНИ ВОЗОВИ, ГЕРМАНИЈА СЕ ОТКАЖА ОД НИВ, А СЕГА ВЛОЖУВА МИЛИОНИ

Париз, (Лонли планет)

Нов ноќен воз што ќе почне да оперира во 2022 година ќе ги поврзе Прага, Дрезден, Берлин, Амстердам и Брисел, надоврзувајќи се на мрежата планирани маршрути, со кои ќе се поврзат големи градови на континентот.

Тој ќе тргнува рано навечер од Прага и во Брисел ќе биде во утринските часови. Во понуда ќе бидат класични седишта и вагони за спиење, како и бесплатни интернет, појадок и кафе.

Европската мрежа ноќни возови значително ќе биде проширена во наредните години. Државните железници на Швајцарија, Германија, Австрија и Франција веќе објавија партнерство со инвестиции од 605 милиони евра во ноќни железнички услуги. Ова следува само четири години откако „Дојче бан“ ги продаде сите свои вагони за ноќевање, прогласувајќи ги за непрофитабилни, но работите брзо се променија поради пандемијата и свеста за климатски промени.

Од декември 2021, во промет ќе биде ноќната линија Виена-Париз преку Минхен, исто како и Цирих-Амстердам. Возовите меѓу Цирих и Рим се планирани од декември 2022, а во декември 2023 ќе биде воведена уште една линија Виена-Париз, но преку Берлин и Брисел. Од декември 2024 се планирани ноќни возови од Цирих до Барселона.

Шведска најави меѓународни ноќни возови за Германија и Белгија од 2022, што ќе овозможи и брзи врски со централна Европа и Велика Британија.