Кога се зборува за успешноста на програмите за вакцинирање против ковид-19, секогаш се истакнуваат Израел, САД и Велика Британија, но малото хималајско кралство Бутан е рамо до рамо со нив, дури и побрз.
На овие земји им требаа неколку месеци за да стигнат таму каде што се, додека Бутан за само 16 дена го вакцинираше речиси целото возрасно население. Сместен меѓу Кина и Индија, Бутан почна со имунизацијата на 27 март и 93% од возрасните веќе ја примиле првата доза. Севкупно, 62% од 800.000 жители досега се вакцинирале. Ова го сместува Бутан веднаш зад Сејшели, кој целосно вакцинираше 66% од своето население.
Освен што не е голема држава, брзата имунизација во Бутан се должи и на неговите посветени граѓани-волонтери.
Бутан ги доби првите 150.000 вакцини на „АстраЗенека“ од Индија во јануари, но со имунизацијата почна дури на крајот на март за да се совпадне со поволни датуми во будистичката астрологија кои се поврзуваат со успешност. Првата доза беше дадена и примена од жена родена во Годината на мајмунот.
Од почетокот на пандемијата, Бутан регистрираше 910 заразени и само еден починат од ковид-19. Таму сѐ уште има задолжителен 12-дневен карантин за сите кои влегуваат во земјата.
Бутан е последното будистичко кралство во Хималаи, но земјата направи транзиција од апсолутистичка во демократска, уставна монархија.