СОЗДАДЕНА НАЈБЕЛАТА БОЈА ДОСЕГА КОЈА МОЖЕ ДА ПОМОГНЕ ВО БОРБАТА ПРОТИВ КЛИМАТСКИ ПРОМЕНИ

Њујорк, (Би-Би-Си)

Американски научници создале боја за која велат дека е „значително побела од најбелата боја што моментално постои“.

Тестовите спроведени на универзитетот Пардју во Вест Лафајет покажале дека оваа ултрабела боја одбива повеќе од 98% од сончевата светлина и ги разладува површините за 4,5 Целзиусови степени под амбиенталната температура. Тоа сугерира дека таа би можела да помогне во ладењето на згради, штедењето на енергија и во борбата против климатски промени.

Моментално достапните бели бои на пазарот одбиваат меѓу 80% и 90% од сончевата светлина.

„Ако ја употребите нашата боја за фарбање на покрив од стотина квадратни метри, проценуваме дека со тоа добивате моќ на ладење од 10 киловати. Тоа е многу помоќно од централните клима уреди што ги користат повеќето домаќинства“, вели водачот на истражувањето Шјиулин Руан од Пардју.

„Ладни“ бели покриви се сметаат за едноставно урбано климатско решение, иако нивните придобивки сѐ уште се истражуваат.