ПРЕТСЕДАТЕЛОТ ПЕНДАРОВСКИ ГОТВЕШЕ ПОСНИ ЈАДЕЊА СО ЕКИПАТА НА „РЕТВИТНИ ОБРОК“

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Претседателот Стево Пендаровски, неговата сопруга Елизабета Ѓоргиевска и вработените во Кабинетот денеска се придружија на екипата на „Ретвитни оброк“ во готвењето оброци, наменети за социјално загрозени категории граѓани. Како што е ред во пресрет на Велигденските празници, денеска се подготвуваа посни јадења.

И првата дама Елизабета Ѓоргиевска беше дел од денешната екипа (Фото: Фејсбук)

„Празниците се повод да ги поттикнеме хуманоста, добрината и солидарноста во секој од нас. Во пресрет на Велигденските празници, овој петок, заедно со волонтерите од #РетвитниОброк и вработените во Kабинетот подготвивме посни оброци“, објави Пендаровски на својата фејсбук страница.

„Ретвитни оброк“ е иницијатива што ја покрена македонската Твитер заедница пред повеќе од пет години, на која досега се одзваа стотици волонтери во готвењето и делењето оброци на оние на кои им се најпотребни.