ЕД ШИРАН СНИМИ ШЕСТ ВЕРЗИИ ОД ЕДНА ПЕСНА ЗА ДА ИМА БОЖИЌЕН ХИТ БРОЈ ЕДЕН

Лондон, (Гардијан)

Ед Ширан успеа во својата мисија да има божиќен хит број еден во Велика Британија.

Тој сними дури шест верзии од својата песна „Совршено“ за да си ги зголеми шансите за успех, злоупотребувајќи го правилото на топ-листата, која го зема предвид стримувањето на различни верзии на една иста песна.

„Ова е остварување на сонот. Многу сум горд и среќен“, изјави Ширан.

Освен оригиналната песна, која се наоѓа на неговиот успешен албум „Поделено“, тој сними и акустична верзија, ремикси од Робин Шулц и Мајк Пери, како и дуети со Бијонсе и со оперскиот пејач Андреа Бочели.

Ширан, истовремено, се најде и на второто место на топ-листата, со песната „Река“ од Еминем.

Кампањата која требаше да го врати хитот на „Вем“, „Последниот Божиќ“, на првото место по 23 години, точно една година по смртта на Џорџ Мајкл, не успеа, откако песната се искачи само на третото место.