Света Хелена, вулкански остров оддалечен речиси 2.000 километри од најблиското копно, имаше големи планови за оваа година, но пандемијата на коронавирусот ги поремети. На британскиот остров со 4.500 жители не е забележан ниеден случај на зараза, но денеска, кога одбележува 200 години од смртта на францускиот император и војсководец Наполеон Бонапарт, нема да има наплив на посетители, како што се очекуваше.
„Комеморациите за Наполеон ќе се одржат, но ќе бидат ограничени на локални настани. Не очекуваме туристи со крузери или редовни посетители со авион. Сите на островот се вакцинирани со втора доза и отворени сме за посети, но летови од Лондон има еднаш на пет недели преку Гана“, вели главната економистка во владата на Света Хелена, Никол Шамиер.
Света Хелена се наоѓа 1.930 километри западно од границата меѓу Ангола и Намибија. Тој бил ненаселен кога бил откриен од Португалците во 1502 година, по што станал важна станица за трговските бродови кои пловеле меѓу Азија и Европа. Оваа негова улога згаснала по отворањето на Суецкиот Канал во 1869 и денес најмногу зависи од помошта на британската влада.
Иако зафрлен, нема кој не слушнал за Света Хелена. Тоа е местото каде што Наполеон бил заточен во 1815 година по поразот во битката кај Ватерло и каде што умрел на 5 мај 1821. Тој денеска почива во Париз.
Островот во наредните денови планира неколку настани во чест на својот најславен жител, кои ќе се пренесуваат преку интернет. Посебна церемонија ќе се одржи во вилата Лонгвуд, во која што Наполеон починал во 17:49 часот, кога ќе му се оддаде почит со минута молчење.