Шише француско вино што кружело околу Земјата повеќе од една година ќе се продава на аукција.

Направено од грозјето мерлот во регионот Бордо, виното „петрус 2000“ поминало 14 месеци во орбитата како дел од приватно финансирано истражување за храна и земјоделство. Се проценува дека шишето ќе достигне цена од еден милион долари.

„Среќниот купувач ќе добие и нормално шише ‘петрус 2000‘, па ќе може да направи споредба со ова што зреело во вселената“, изјавија од аукциската куќа „Кристис“.

Дванаесет шишиња вино биле испратени на Меѓународната вселенска станица во ноември 2019. По повеќе од 400 дена во вселената и поминати 300 милиони километри во нулта гравитација, виното се врати на Земјата во јануари годинава. Само ова шише ќе се продава. Три биле испиени од астронаутите, а останатите осум ќе се чуваат за идни истражувања.