ПОЧИНА ЏОН ДЕЈВИС, ВИСТИНСКИОТ ПЕЈАЧ НА „МИЛИ ВАНИЛИ“

Берлин, (Би-Би-Си)

Џон Дејвис, еден од вистинските вокали зад озлогласеното поп дуо „Мили Ванили“, почина на 66 години од последиците на коронавирусот. Тој пееше на хит албумот на групата „Girl You Know It’s True“ од 1989 година, но е заведен само како пратечки вокал.

Предводен од Фабрис Морван и Роб Пилатус, „Мили Ванили“ продаде повеќе од 30 милиони синглови, но му беше одземена Греми наградата за најдобри нови изведувачи откако се дозна дека тие воопшто не пеат на песните.

Пилатус и Морван беа лицето на бендот и ги присвоија сите заслуги за неговите успеси (Фото: Гети)

Роден во САД, Дејвис се преселил во Германија и неговиот вокал стана светски познат благодарение на хитовите на „Мили Ванили“, проект на продуцентот Франк Фаријан. Морван и Пилатус беа лицето на бендот и лажно ги присвоија сите заслуги за неговите успеси.

Среде шпекулациите дека тие не пеат на албумот, Фаријан ја призна измамата, што стана една од најсрамните епизоди во историјата на поп музиката. Фаријан подоцна кажа дека го ангажирал Дејвис поради слабите вокални квалитети на Морван и Пилатус.

Дејвис подоцна сними еден албум со свој бенд, а во изминатите години ја обнови соработката со Морван. Пилатус почина од предозирање во 1998 на 32 години.