Сопругата на претседателот Стево Пендаровски, Елизабета Ѓоргиевска, носеше дводелен костим со симболика, креација на дизајнерката Лидија Георгиева, на чествувањето на Свети Кирил и Методиј во Рим и официјалната посета на Ватикан.

Почитувајќи ги строгите протоколи за дрескод на аудиенцијата кај папата Фрањо, таа носеше црн формален костим со долги ракави и вел со кој се покрива главата. Костимот е збогатен со стилизиран вез, инспириран од орнаментиката на старословенските ракописи, поточно елемент од Псалтир со последование, кој датира од 16. век.

Претседателот Стево Пендаровски со сопругата Елизабета Ѓоргиевска и државна делегација се во официјална посета на Ватикан

Од посебно значење, како што ни рече реномираната дизајнерка, е симболиката вметната во везот на велот, кој ја содржи реченицата „Зарем сонцето не нè грее сите“, испишана на глаголица.

„Ова е референца на настанот во базиликата ‘Санта Марија Маџоре‘, каде што во 9. век папата Адријан Втори ги благословил азбуката и книгите напишани од светите браќа Кирил и Методиј. ‘Човече, кажи ни како си им ги создал на Словените книгите и ги учиш од нив, што досега никој не измислил, ниту апостолите, ниту римскиот папа? А, ние знаеме само три јазика на кои е достојно во книгите да се слави Бог – еврејски, елински и латински‘. Кирил на тоа им одговорил: ‘Не врне ли дожд од Бога подеднакво за сите? А, сонцето не грее ли исто така за сите? Зарем не дишеме воздух сите подеднакво?‘“.

Костимот е збогатен со стилизиран вез, инспириран од орнаментиката на старословенските ракописи

Како поддршка на локалното производство, креацијата повторно се работела со домашни изведувачи, а за изработка на овој вез е користена компјутерска технологија.

Претседателот Стево Пендаровски му подари дрес на македонската фудбалска репрезентација на папата Фрањо на денешната средба во Рим. (Фото: Фејсбук)

„Со стремеж за продолжување на традицијата во спој со современ дизајн, врвната естетика и духовен мир кои ги зрачи одбраниот елемент, заедно со комплицираноста на дизајнот на мотивот, значат креативен предизвик, но и огромна почит кон културното наследство“, вели Георгиева.

Б. НЕСТОРОСКА