Тадеј Погачар вчера стана најмладиот велосипедист кој двапати по ред триумфирал на Тур де Франс, продолжувајќи ја доминацијата на малата Словенија во елитниот велосипедизам.
Дваесет и двегодишниот Погачар, кој лани славеше на своето деби на Тур де Франс, ги уништи ривалите во Алпите на осмата етапа, што потсети на некои класични трки од 1980-ите и потоа ја зачува контролата во продолжението. На крајот имаше огромна предност од пет минути и 20 секунди во однос на второпласираниот Данец Јонас Вингегорд.
„Минатата година, морав да напишам говор после победата, а не знаев како да го направам тоа. Оваа година си реков дека ќе зборувам од срце. Не можам да опишам колку сум среќен. Ќе останам мотивиран во наредните години, но не се оптоварувам со тоа што е следно“, кажа Погачар, кого го чека настап на ОИ во Токио.
Еди Меркс, една од легендите на велосипедизмот, вели дека Погачар заслужува да го наследи неговиот прекар Канибал.
„Тој е екстремно силен. Верувам дека ќе го освои Турот уште неколку пати во наредните години. Ако избегне повреди, сигурно ќе триумфира уште барем пет пати“, изјави Меркс.
Погачар почнал да тренира велосипедизам на деветгодишна возраст и веќе во 2008 настапил на првата трка. Во 2018 стана член на тимот УАЕ Емирејтс и набргу потоа премина во професионалци, завршувајќи на третото место на Вуелта во 2019, на своето деби на трките од Гранд тур.