КНИГАТА ЈА ПИШУВАМ НЕ КАКО ПРИНЦ, ТУКУ КАКО ЧОВЕК – ХАРИ ЌЕ ОБЈАВИ МЕМОАРИ ВО 2022

Лос Анџелес, (Би-Би-Си)

Војводата од Сасекс ќе ги сподели своите грешки и научени лекции во животот во мемоарите што ќе бидат објавени следната година. Објавувајќи го договорот со издавачот „Пингвин рендом хаус“, принцот Хари изјави дека во книгата ќе се наврати на своите успеси и неуспеси и вети дека таа ќе биде целосно точна и вистинита.

„Интимната и искрена книга ќе обезбеди дефинитивен приказ на неговите искуства, авантури, загуби и животни лекции кои му помогнале да се оформи како личност“, соопшти „Пингвин рендом хаус“.

Хари и неговата сопруга Меган Маркл отстапија од кралските задолженија во почетокот на минатата година и потоа се преселија во Северна Америка, прво во Канада, па во Калифорнија. Портпаролот на Хари изјави дека тој нема да бара одобрение од кралското семејство за објавување на книгата.

„Книгата ја пишувам не како принц кој сум роден, туку како човек кој сум станал. Длабоко сум благодарен што ја имам оваа можност да споделам што сум научил низ животот“, соопшти Хари.