„Патувањето е уметност“, седма книга на Ненад Георгиевски, ќе се промовира на 17 октомври во 13 часот, во скопскиот клуб „Аудиокултура“. Промоторка ќе биде Сребра Ѓорѓиевска, уредничка на порталот „Умно“. Георгиевски е новинар од културата и автор чија работа опфаќа музика, литература, филм и визуелна уметност.
Во книгата, Георгиевски тргнува од прашањата „што може да нè одведе во друг град – желбата да запознаеме ново место или можноста да застанеме пред уметничко дело што со години сме сакале да го видиме?“ за да ги истражи врските меѓу патувањето, уметноста и личното искуство. Ова не е туристички водич со список на задолжителни знаменитости во разни градови, туку збирка патеписи во кои уметничките дела, изложбите, музеите и книжевните простори стануваат причини за патување и поводи за поинакво гледање на светот. Во книгата се среќаваат различни уметнички светови и градови, од делата на Винсент ван Гог и Јоханес Вермер, преку уметничките визии на Вилијам Блејк во Будимпешта, до световите на Едвард Хопер во Њујорк, Василиј Кандински во Амстердам, Хилма аф Клинт во Хаг, Георгиевски го следи начинот на кој уметноста го менува доживувањето на едно место. Посебно место имаат и приказните што ја поврзуваат уметноста со музиката, како изложбата посветена на Лу Рид во Њујорк, Маргита Стефановиќ во Белград.
Книгата ги открива и необичните културни простори што чуваат поинакви приказни: музејот на механичките музички инструменти Спилклок во Утрехт, легендарната книжарница Шекспир и компани во Париз и Амбасадата на слободниот ум во Амстердам, институција посветена на историјата на слободната мисла и езотеричната книжевност. Таквите места ја прошируваат вообичаената претстава за една културна дестинација и покажуваат дека уметноста и историјата можат да се откриваат и надвор од најпознатите туристички маршрути.
Објавена од издавачката куќа „Номад-Арт“, книгата е двојазично издание на македонски и англиски јазик.
(Фото: Од изложбата за Леонардо да Винчи во Талин)