Четири години откако се повлече од атлетските патеки како најбрзиот човек во историјата и потоа не успеа да се пробие во фудбалот, Јусеин Болт почнува нова кариера – музичка.
Тој објави дека на 3 септември излегува неговиот прв албум насловен „Country Yutes“, и тоа под неговата сопствена етикета „9,58 рекордс“. Болт сними и спот за синглот „It’s a Party“, една од 14-те песни на албумот.
Болт во февруари најави дека работи на нови рими, но дека нема да брза со нивното објавување поради пандемијата.
„Сериозен сум со музиката, па не сакам да брзам. Како и во атлетиката, сè си бара време и посветеност“, изјави тогаш Болт.
Тој кажа дека неговата нова најголема амбиција е да освои Греми награда.
„Тоа би било врв на мојата кариера. Тоа е мојата ултимативна цел“.