Американскиот актер Мајкл Кенет Вилијамс, ѕвезда на серијата „Жица“, е пронајден мртов во својот дом во Њујорк на 54 години. Повикувајќи се на полициски извори, медиумите објавија дека Вилијамс се предозирал со дрога, што засега не е официјално потврдено.
Вилијамс, кој четири пати беше номиниран за наградата Еми, во минатото отворено зборуваше за своите проблеми со дрога.
Тој го играше Омар Литл, геј и уличен ограбувач на дилери на дрога, во сите пет сезони на „Жица“ (2002-2008), создавајќи еден од најомилените и најкултни ликови во современата телевизиска продукција.
Пред да почне актерска кариера пред повеќе од 20 години, Вилијамс бил танчар и настапувал за музичари како Мадона, Џенет Џексон и Џорџ Мајкл. Тој оствари забележителни улоги во уште две хит серии на Ејч-Би-О, „Апсолутна власт“ (Boardwalk Empire) и „Земјата на Лавкрафт“, за која посмртно може да освои Еми на 19 септември.
Своевремено призна дека тешко се носел со славата што преку ноќ му ја донесе улогата на Омар, криминалец со строг морален код и дека уште тогаш почнал да користи дроги.