ЌЕ БЕШЕ УБАВО ЗАЕДНО ДА ЗАМИНЕВМЕ, КАЖА АЛЕН ДЕЛОН ПО СМРТТА НА СВОЈОТ ГОЛЕМ ПРИЈАТЕЛ ЖАН-ПОЛ БЕЛМОНДО

Париз, (АФП)

Бевме толку блиски, што ќе беше убаво да заминевме заедно, изјави француската филмска легенда Ален Делон по смртта на својот еднакво славен и почитуван колега Жан-Пол Белмондо.

Ѕвездата на „До последен здив“, култниот филм на францускиот Нов бран, почина вчера на 88 години и спротивно на верувањата, тој и Делон не биле ривали, туку големи пријатели. Постојано споредувани, двајцата актери развија многу силна врска, исполнета со пријателство и почит.

Делон и Белмондо во „Борсалино“ (1970)

„Иако со недели знаев дека е во лоша состојба, ова целосно ме уништи. Ќе се обидам да издржам да не го направам истото во следните пет часа. Иако не би било лошо ако заминеме заедно. Тој е дел од мојот живот, почнавме заедно пред 60 години“, изјави вчера Делон, кој пред две години преживеа мозочен удар.

Белмондо и Делон првпат заедно се појавија на филм уште кога не биле големи имиња, во комедијата „Биди убава, но ќути“ од 1958. Две години подоцна, и двајцата снимија филм што ги лансираше во ѕвезди: Белмондо „До последен здив“, а Делон „Во зенитот на сонцето“.

Нивната најпозната соработка е „Борсалино“ од 1970, поради кој завршија на суд, зашто името на Делон, како актер и продуцент, двапати било напишано на плакатот. Последниот од осумте заеднички проекти им е „Полушанса“ од 1998.