ГОЦЕ ТОДОРОВСКИ СНИМИ 250 ЕПИЗОДИ ВО „МАКЕДОНСКИ НАРОДНИ ПРИКАЗНИ“

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)
Гоце Тодоровски сними 250 епизоди во култниот серијал „Македонски народни приказни“ и со тоа стана еден од најпрепознатливите актери во историјата на македонската телевизија.
Во стариот и најпопуларен серијал на МРТ, кој се снимаше од 1984 до 2003 година, тој одигра 135 епизоди. Со оваа бројка, Гоце Тодоровски се најде на четвртото место по бројот на снимени епизоди во тој период, веднаш зад Ѓорѓи Колозов, Шенка Колозова и Лазар Бараков. Неговиот ангажман продолжи и во новиот серијал што се снимаше од 2010 до 2015 година, каде што тој се појави во уште 82 приказни. Кога на ова ќе им се додадат и празничните специјали, како и приказните снимани во 2009, тој снимил повеќе од 250 епизоди.

Популарниот актер почина на 75 години по кусо боледување, потврдија од Драмски театар, неговата матична куќа.

Роден е на 30 април 1951 во Кичево. По завршувањето на Факултетот за драмски уметности (ФДУ) при Универзитет „Свети Кирил и Методиј“, во класата на професорот Илија Џувалековски, се вработил во Драмскиот театар во Скопје и веднаш се истакнал како мошне надарен и суптилен комичар.

Одиграл над 50 популарни и наградувани театарски улоги во Драмски и во театрите низ земјава, како и во стотина ТВ филмови и серии, како и на филм.

Соработувал со голем број режисери меѓу кои и Слободан Унковски, Коле Ангеловски, Димитар Станковски, Владимир Милчин и Димитрие Османли. Покрај ангажманите во матичниот театар, тој работеше на програмите на радиото и телевизијата учествувајќи во речиси сите хумористично- сатирични емисии, драми и серии.

Од Драмски театар велат дека комеморацијата ќе ја организираат на почетокот на новата театарска сезона.

 

Фото: Принтксрин