Музејот посветен на Винсент ван Гог во Амстердам објави дека е пронајден досега непознат цртеж од славниот холандски уметник, кој прикажува исцрпен стар човек.
Скицата за делото „Уморен“ е нацртана во почетоците на неговата кариера во 1882 година и повеќе од еден век била дел од приватната колекција на едно холандско семејство. Делото вчера првпат беше изложено во музејот и публиката ќе има можност да го види до 2 јануари, кога повторно ќе им биде вратено на сопствениците.
„Ова дело никогаш досега никаде не е видено. Ова е првпат да излегува во јавност. Невозможно е да се каже колку вреди“, изјави Тејо Медендорп, виш истражувач во Музејот на Вон Гог.
Се верува дека уметникот го искористил цртежот како основа за малку поинаква верзија на делото, кое се наоѓа во колекцијата на музејот под името „Уморен“. Тој ја направил скицата додека живеел во Хаг и сè уште учел да слика. Експертите велат дека таа нуди исклучителен увид во работниот процес на Ван Гог во тоа време.