ШТЕТНО НИВО НА ДРОГИ ПРОНАЈДЕНО ВО РЕКАТА ШТО ПОМИНУВА НИЗ ФЕСТИВАЛОТ ГЛАСТОНБЕРИ

Лондон, (Би-Би-Си)

Еколошки штетно ниво на дроги е пронајдено во реката Вајтлејк, која поминува низ местото каде што се одржува светски познатиот музички фестивал Гластонбери. Научниците предупредија дека во водите на реката е пронајдена опасна концентрација на кокаин и МДМА.

Тие сметаат дека ова е предизвикано од јавното мочање и ги повикаа фестивалџиите да ги користат тоалетите, додавајќи дека загадувањето им штети на напорите за заштита на ретката европска јагула во таа област.

Мерењата биле извршени пред, за време и по завршувањето на фестивалот во 2019 година. Притоа било утврдено дека присуството на МДМА четирикратно се зголемило една недела по фестивалот.

„Свесни сме дека најголемата закана за водените текови и за живиот свет во нив доаѓа од фестивалџиите кои мочаат наоколу. Мора да се крене свеста за отпадот што го прават дрогите, чија употреба не ја одобруваме“, изјави портпарол на Гластонбери.