Руска актерка и режисер полетаа денеска кон Меѓународната вселенска станица (ИСС) во историски обид да го снимат првиот филм во вселената и со тоа да ги надминат САД. Тие се надеваат дека ќе го победат холивудскиот проект, што лани ги најавија Том Круз и Илон Маск.
На летот за ИСС беа актерката Јулија Пересилд и режисерот Клим Шипенко, заедно со искусниот астронаут Антон Шкаплеров и таму ќе останат 12 дена за да снимат сцени за филмот насловен „Предизвик“. Филмот, чиј буџет се држи во тајност, беше објавен од руската вселенска агенција Роскосмос, а ќе се фокусира на женски хирург која на ИСС треба да спаси астронаут со срцеви проблеми.
„Вселената ми е многу примамлива, таа нема граници“, изјави 37-годишната Пересилд, која беше избрана за улогата меѓу 3.000 кандидатки.
Таа и Шипенко треба да се вратат на Земјата на 17 октомври.
„Не само што треба да снимиме филм, туку треба живи да се вратиме на Земјата“, кажа Шипенко.
Ако мисијата биде успешна, Русија повторно ќе биде прва во нешто во вселената, откако прва лансираше сателит, животно, маж и жена во орбитата.