Музиколозите Елени Новаковска и Јулијана Папазова ја објавија монографијата „Историја на македонската популарна музика“, која е резултат на долгогодишните истражувања во оваа сфера. Тие велат дека таа, пред сѐ, е замислена како прирачник за музичките образовни институции, но е достапна за сите љубители на македонската популарна музика.
Книгата е поддржана од Министерството за култура, а издавачи се авторките. Достапна е за продажба во книжарницата „Или-или“.
Монографијата хронолошки го претставува развојот на македонската популарна музика од почетокот на 20. век до 2020.
Содржината е поделена на три глави. Првата ја опфаќа раната фаза на развојот на популарната музика, која е дел од почетоците на развојот на градските средини преку отворање на театри, киносали, музички училишта и музички салони, набавка на радија и грамофони и влијание на модата од запад позната како чарлстон. Голема популарност во првите две децении на 20. век има чалгијата, која е прв вид музика кој доживува изразена популарност меѓу градското население. Во Кралството Југославија, шлагери, танга, романси и серенади се промовирале на концертите и забавите.
Во втората глава е опфатен периодот 1944-1991. Централна институција за развојот на македонската популарна музика е Радио Скопје, подоцна и Радио-телевизија Скопје. Клучна личност во почетната фаза е легендарниот Драган Ѓаконовски-Шпато, член и основач на повеќе музички состави. Во Радио Скопје во 1961 се формираше Биг-бендот или Танцовиот оркестар, во кој како диригенти, композитори или продуценти работеле Ѓаконовски, Александар Џамбазов, Љубомир Бранѓолица, Димитар Масевски, Славе Димитров и други. Преку него се промовирале и најдобрите пејачи, како Никола Боби Автовски, Нина Спирова, Зоран Георгиев, Диме Поповски, Зафир Хаџиманов и други.
Во третата глава е опфатен периодот од 1991 до денес. Содржината е посветена на појавата на нови групи, жанрови и поджанрови, локалната сцена, фестивалите, манифестациите, медиумите, емисиите, издавачките куќи и на промотерските куќи кои заедно ја градат и дефинираат музичката сцена.
Како додаток на целокупната содржина е издвоена кратката историја на застапеноста на популарната музика во македонскиот филм од 1960-ите до денес.