ПОЧИНА АКТЕРОТ ЏЕЈМС МАЈКЛ ТАЈЛЕР, КЕЛНЕРОТ ГАНТЕР ОД „ПРИЈАТЕЛИ“

Њујорк, (Би-Би-Си)

Американскиот актер Џејмс Мајкл Тајлер, кој се прослави како Гантер во хит серијата „Пријатели“, почина на 59 години по тешко боледување. На Тајлер пред три години му бил дијагностициран рак на простатата во напредна фаза, што во меѓувреме се проширил и на коските.

Покрај шесте ѕвезди, Тајлер беше најконстантниот член на актерската постава на „Пријатели“, појавувајќи се во 148 епизоди како Гантер, келнер и менаџер во кафулето „Сентрал перк“. Со келнерско искуство зад себе, Тајлер ја добил работата во „Пријатели“ зашто знаел да ракува со машина за правење кафе. Дебитираше во втората, но првата реплика ја имаше дури во 33. епизода.

„Светот го знаеше Гантер како седмиот пријател“, изјави неговиот менаџер.

Во мај, Тајлер кратко се појави во специјалната повратничка епизода на „Пријатели“ преку Зум.

„Тоа беа најнезаборавните десет години од мојот живот. Не можев да посакам подобро искуство. Беше уживање да се работи со вас“, кажа Тајлер тогаш.

По завршувањето на „Пријатели“ во 2004, Тајлер не оствари позначајна актерска кариера, иако продолжи да снима.