„АББА“ ДЕФИНИТИВНО ЌЕ СЕ РАСПАДНЕ ПО КОНЦЕРТИТЕ ВО 2022

Стокхолм, (Гардијан)

„АББА“ потврди дека групата дефинитивно ќе згасне по претстојниот прв албум по пауза од 40 години и серијата концерти во специјално изградена сала. Шведската четворка се растури во 1982, но годинава повторно влезе во студио за да го сними деветтиот албум насловен „Патување“ (Voyage), кој ќе излезе на 5 ноември.

Бени Андерсон (74) и Бјерн Улвеус (76), машката половина на групата, инсистираат дека обединувањето е еднократно и дека немаат намера да снимаат уште нова музика.

„Тоа е тоа, мора да биде“, изјави Андерсон во интервјуто за „Гардијан“, додавајќи дека никогаш не кажале така во 1982 година.

„Никогаш не сум си кажал дека ‘АББА‘ нема никогаш повторно да се собере. Но, сега со сигурност можам да го кажам тоа“.

На концертите во Лондон, кои почнуваат во мај, членовите на групата нема да бидат на сцената, туку нивните виртуелни верзии, односно аватари. Во нивната изработка учествувал тим од 850 луѓе од филмската компанија на Џорџ Лукас.