„ФЕЈСБУК“ СТАНА „МЕТА“ ЗА ДА РАЗВИВА МЕТАВЕРЗУМ, ВО КОЈ ЛУЃЕТО ЌЕ ЖИВЕАТ ВИРТУЕЛНА КОПИЈА НА СВОЈОТ ФИЗИЧКИ ЖИВОТ

Њујорк, (АП)

„Фејсбук“ вчера и официјално се ребрендираше и ги промени името и логото. Компанијата сега се вика „Мета“ и ова име ја одразува посветеноста на Марк Закерберг да ја развие новата виртуелна технологија наречена метаверзум. Социјалната мрежа и натаму ќе го носи името Фејсбук.

„Новото име го претставува сето она што го правиме денес и ќе го правиме во иднина. Со ова го делиме нашиот бизнис на два различни сегменти: еден за нашето семејство на апликации и еден за нашата работа на идни платформи“, кажа Закерберг.

За неупатените, метаверзум може да изгледа како верзија на виртуелната реалност, но некои експерти веруваат дека тоа би можела да биде иднината на интернетот. Закерберг го опиша како виртуелно окружување во кое може да се влезе место да се седи пред компјутер. Во суштина, тоа е свет на бескрајни, меѓусебно поврзани виртуелни заедници каде што луѓето се среќаваат, работат, играат и забавуваат, користејќи уреди за виртуелна реалност, очила за аугментативна реалност, смартфон апликации и други уреди.

„Тој ќе вклучи и други аспекти на онлајн животот, како пазарување и социјални медиуми. Тоа е следната еволуција на вмрежувањето, каде што ќе го живеете вашиот виртуелен живот на ист начин како физичкиот“, вели Викторија Петрок, аналитичарка на нови технологии.

Во метаверзумот ќе може да се оди на виртуелен концерт или виртуелно патување, да се создава уметност и дури да се работи со колегите во виртуелна канцеларија.

„Голем дел од метаверзум искуството ќе се состои од можноста да се телепортирате од едно во друго искуство“, најави Закерберг.