Изложбата на фотопортрети „И јас сум тука“ ќе се отвори утре во 19 часот во холот на Кинотеката, како дел од Фестивалот за литература и илустрација за деца Литера. Во изложбата се вклучени 20 лица со посебни потреби на различна возраст од повеќе градови од Македонија, а портретите се придружени со приказни за нив.
Автор на фотографиите е Тоше Огњанов, а на приказните Сребра Ѓорѓијевска. „И јас сум тука“ е дел од проектот „Децата не се раѓаат со предрасуди“, чиј иницијатор е театарот „Глада Худик“ од Худиксвал, Шведска, со поддршка на Шведскиот институт.
„’И јас сум тука’ е едно големо патување и за нас. Се роди од потребата да зборуваме гласно за луѓето кои се меѓу нас, а понекогаш се правиме дека не ги гледаме, ниту сакаме да ги слушнеме. ‘И јас сум тука’ вели да се свртиме кон себе и кон другиот, да го погледнеме другиот и да му ја почувствуваме душата, која многу често е повредувана. Предрасудите лесно се создаваат, а тешко се надминуваат“, велат авторите.