РАКОМЕТАРКИТЕ НА ПЛАЖА ВЕЌЕ НЕ МОРА ДА ИГРААТ ВО БИКИНИ

Женева, (Би-Би-Си)

Меѓународната ракометна федерација (ИХФ) ги промени правилата откако беше критикувана што од ракометарките на плажа бара да играат во бикини.

Спорот изби на Европското првенство во јули, кога норвешката репрезентација беше казнета со 1.300 евра зашто нејзините ракометарки играа во шорцеви, место во гаќички за плажа. Казната беше оценета како сексистичка и доведе до апели да се укине задолжителниот дрес код. Американската пејачка Пинк дури се понуди да им ја плати казната на Норвежанките.

Во септември, владини министри од Данска, Финска, Исланд, Норвешка и Шведска побараа од ИХФ да направи ревизија на своите правила за дресовите согласно родовата еднаквост.

Во најновите правила на ИХФ за ракомет на плажа, објавени на 3 октомври, веќе не се спомнува бикини, туку се вели дека ракометарките можат да носат велосипедистички шорцеви и тесни маици на прерамки. Ракометарите пак можат да носат шорцеви кои не се прешироки, но да бидат десет сантиметри над колената.