Бизоните биле речиси истребени во Европа поради ловот и уништувањето на живеалиштата, но нивното повторно појавување во Карпатите во Романија врати клучна компонента во регионалниот екосистем.
На континентот денес има околу 6.000 бизони, најголемиот европски цицач и далечен роднина на американско бафало. Најголем дел од нив живеат во пограничниот регион на Полска и Белорусија, додека во Романија се вратија во 2014, повеќе од 200 години откако последен пат биле видени таму. Родени во заробеништво во други делови од Европа, тие биле префрлени во Романија во 16 одделни етапи.
„Благодарение на размножувањето во дивина, околу 105 бизони денес живеат слободно во планините Тарку. Во изминатите две години немаше ниедно угинато животно. Нашата цел е популацијата да се зголеми на 250 единки за пет години“, изјави Марина Друга, шефица на проектот што заеднички го водат Светски фонд за природа и организацијата „Rewilding Europe“.
Бизоните моментално престојуваат на територија од 8.000 хектари во заштитена област која се протега на 59.000 хектари.
„Јужните Карпати нудат идеални услови: тоа е простран регион со мало човечко присуство и без интензивно земјоделство. Од 2014, тука се родени 38 мали бизони“, вели Друга.
Следната цел е бизоните да се населат во други делови на Карпатите.
„Бизоните помагаат да се променат пејзажот и архитектурата на шумите така што го спречуваат ширењето на инвазивните дрвја, ги шират семињата на илјадници растенија и креираат патеки за помали животни“, додаде Друга.