Четириесет и шестото издание на фестивалот Млад отворен театар (МОТ) годинава ќе се одржи во два блока: од 18 до 26 ноември и од 2 до 7 декември. Како што најавува Младински културен центар (МКЦ), ќе има 26 претстави и сите ќе се изведат со физичко присуство.

„Ова издание на МОТ е особен предизвик, бидејќи се обидуваме да го зачуваме духот на еден од најстарите меѓународни театарски фестивали во регионот во овие несигурни времиња, кога многу фестивали се принудени да ги откажат своите активности, а самите театри се борат да ги одржат редовните репертоари. Првиот блок е со меѓународна програма во која ни гостуваат претстави од Австрија, Словенија, Бугарија, Турција, Србија и Хрватска, а вториот е посветен на домашна независна продукција“, изјави директорот на МКЦ, Русе Арсов.

Фестивалската програма почнува на 18 ноември во МНТ со „Како крајот и да не е сосема блиску“, експериментална претстава на Битеф театар во која нема актери, а публиката може да биде изведувач и гледач и да го бира аголот на гледање.

„Куриозитет е што ќе имаме можност да одгледаме три изведби на расказите на Румена Бужаровска, ‘Мојот маж’, кои речиси истовремено среде пандемија се поставуваа на три сцени: Југословенско драмско позориште во Белград, Словенско народно гледалишче во Љубљана  и во Драмски театар во Скопје. Режисерките Јована Томиќ, Ивана Ѓилас и Нела Витошевиќ за првпат ќе имаат можност да се сретнат на панел-дискусија во рамките на МОТ“, најавува тимот на МКЦ.

46. Млад отворен театар ќе се одвива на шест сцени: МКЦ (сала 25 Мај и сала Фросина), Драмски театар, Театар Комедија, МНТ и Дом на АРМ. Билетите за претставите чинат 300 денари и ќе бидат достапни од понеделник.