ТУРСКИОТ КОШАРКАР КАНТЕР СИ ГО ПРОМЕНИ ПРЕЗИМЕТО ВО СЛОБОДА ОТКАКО ДОБИ ДРЖАВЈАНСТВО НА САД

Бостон, (Би-Би-Си)

НБА кошаркарот со турско потекло Енес Кантер и официјално го промени своето име во Енес Кантер Фридом (Слобода) откако стана американски државјанин. Дваесет и деветгодишниот Кантер е роден во Швајцарија од турски родители, но во 2017 му беше одземен турскиот пасош поради постојаното критизирање на турските власти.

„Промената на името ја одразува мојата борба за слобода низ животот. Во Америка постои слобода на говор, слобода на вера, слобода на изразување, слобода на медиуми. Сето тоа го немав во Турција. Слободата е најдобрата работа што човечко суштество може да ја има. Затоа тој збор го направив дел од мене и ќе го носам секаде каде што одам“, изјави играчот на Бостон Селтикс.

Откако пристигна во САД во 2009, Кантер постојано јавно зборуваше против кршењето на човекови права во Турција и Кина, а турскиот лидер Ердоган го нарекуваше диктатор. Во 2019, турските власти издадоа налог за негово апсење, обвинувајќи го дека е поврзан со групите кои наводно стоеле зад неуспешниот обид за пуч во Турција во 2016.