Анталија повеќе од 20 години е најбезбедна туристичка дестинација, велат хотелските менаџери од популарното турско летувалиште.
Според Ѓок Турк, менаџер за сместување во хотелот „Сиам елеганс“ во Белек, поради воените конфликти во Газа и Сирија, на почетокот од годината тој и неговиот тим очекувале послаб интерес од редовните гости.

„Драго ми е што се излажавме, затоа што освен нашите редовни гости што секоја година со радост ги пречекуваме, годинава резервираа и нови од Македонија, Босна и Херцеговина, Русија, Германија, Холандија, Србија и други земји. Местата каде што има конфликт се доста далеку од Анталија и овде нема никаква опасност, а обезбедуваето е засилено. Ние ги имаме содржините кои речиси секој хотел овде ги има: ултра услуга со сѐ вклучено, долга песочна плажа, повеќе базени и ресторани, водени паркови, спа центар, но нашиот хотел се разликува по персоналот кој гостите ги третира како пријатели и нашето мото годинава е ‘добредојдовте дома’“, вели Турк за хотелот кој е изграден во тајландски стил.

Од туристичката агенција „Фибула“, која ја организираше нашата инфо тура низ повеќе места во Анталија, велат дека во оваа област има повеќе од 3.000 хотели, а тие соработуваат со повеќето.

Македонските гости сѐ повеќе ги избираат факултативните тури. Една од најатрактивните е планината над Кемер, Тахтали Даги, на која се оди со жичница наречена „Олимпос Теферик“. Таа се издига на околу 2.365 метри надморска височина и е дел од планинскиот масив Таурус. Од горе добивме прекрасен поглед кон Медитеранот, Кемер и околните плажи. Жичницата има капацитет за 80 луѓе и вози десет минути. Најмногу туристи има во раните пролетни месеци, кога на планината уште има снег, а туристите комбинираат летен и зимски одмор, скијање и плажа.

„Има гости кои доаѓаат во нашите хотели во април, кога на планините уште има снег. Им организираме превоз до ски-центарот на Таурус, а попладне се враќааат во хотелот и одат на плажа или на базените. Тоа е уникатноста на Кемер“, вели менаџерот на хотелот „Шервуд“.
Од регионот, македонските и српските туристи обично одат во Сиде, Белек, Лара и Аланија поради песочните плажи, а туристите од Босна и Херцеговина го бираат Кемер, кој има плажи со ситни камења и најчиста вода.
По препорака на „Фибула“, нашата екипа од инфо турата ги посети хотелите:
„Белис“,„Босфорус Соргун“, „Сурал Сарај“, „Папилон Зеугма“, „Каја Белек“, „Каја Палазо“, „Шервуд Ексклузив Лара“, „Миракл Ресорт“, „Лара Барут Колекшн“, „Ај Си Грин Палас Вилас“, „Квинс Парк Гојнук“, „Шервуд Ексклузив“, „Катамаран Кволити“, „Корнелиа Дајмонд“, „Регнум карија“ и „Регнум краун“.

„Една од најпопуларните и најпродавани екскурзии е рафтингот во Анталија во кањонот Копрулу, која е исплатлива затоа што е излет две во едно. Рафтинг, возење со џип сафари и вклучен ручек е комбинација која авантуристите ја избираат“, вели стружанецот Џелал Кариманоски од агенцијата „Фибула“.

Реката е со тиркизно сина боја, а додека да стасате до местото каде што се трга со чамец, се посетуваат неколку прекрасни предели со незаборавни панорамски глетки. Додека ручате, фотографиите и снимките од рафтинг авантурата се веќе готови.
Популарна тура е и крстарењето од Аланија, со вклучен ручек на бродот, со паузи за капење близу една од најубавите плажи во регионот, Клеопатра.

Неизбежна е и турата во аквариумот во Анталија, еден од најголемите во Европа. Ова е едно од најпознатите туристички места во градот. Најпознат е по огромниот подводен тунел, каде додека шетавме, над нас поминуваа ајкули, ражи и илјадници риби, па чувството е како да си под море.
Во комплексот има повеќе од 40 тематски аквариуми, снежна соба, парк со рептили и егзотични животни, 7-Д кино и музеј со восочни фигури.

Прошетка која не треба да се пропушти е стариот дел на Анталија и Калеичи, едно од најубавите места во целиот град. Името Калеичи значи „внатре во тврдината“, затоа што целиот стар град некогаш бил опкружен со ѕидини од римско и османлиско време.

Во градот ќе ве пречекаат тесни калдрмисани улички, стари османлиски куќи со дрвени балкони, мали хотели, кафулиња и ресторани, продавници за сувенири, турски локум, зачини и старо пристаниште со јахти и бротчиња.

Античкиот град во Сиде е еден од најубавите и најпознати стари градови на турското крајбрежје. Се наоѓа во местото Сиде, меѓу Анталија и Аланија и е познат по тоа што античките урнатини се споени со модерниот туристички град.
Во Сиде има и огромен антички амфитеатар, каде во минатото се одржувале борби и претстави, како и стара римска порта, агора и античко пристаниште. За разлика од Калеичи во Анталија, Сиде има помирна и поромантична атмосфера.

„Прошетките во двата града се популарна тура кај нашите гости и одличен избор“, додава водичот Кариманоски.
М. ЏАРОВСКА