ИНДИЈА ГО ОГРАНИЧИ БРОЈОТ НА ТУРИСТИ ЗА ДА ГО ЗАЧУВА ТАЏ МАХАЛ

Агра, (АФП)

Индија ќе го ограничи бројот на дневни посетители на Таџ Махал, во обид да го зачува споменикот на љубовта од 17. век, негова најголема туристичка атракција.

Во просек, Таџ Махал дневно го посетуваат 10.000-15.000 туристи, но за викендите, бројката достигнува до 70.000.

Според владините податоци, во 2016 година споменикот го посетиле речиси 6,5 милиони туристи. Бројот на локални гости се зголемува секоја година, бидејќи домашните патувања стануваат сѐ поевтини.

Експертите велат дека огромната маса на народ го зголемува абењето на белиот мермерен гроб, кој мора редовно да се чисти за да не пожолтува од загадениот воздух. Во иднина, само 40.000 локални туристи дневно ќе можат да влезат во историскиот комплекс, објавија властите. Ограничувањата нема да важат за странците, кои плаќаат 16 долари за влез.

Таџ Махал бил изграден од царот Шах Џахан, како гробница за неговата сакана сопруга Мумтаз Махал, која починала во 1631 година при пораѓањето на 39-годишна возраст.

Планот за ограничување на посетителите доаѓа откако пет лица беа повредени во голема толпа на последниот ден од годината.