Вевчанскиот карневал, една од најстарите манифестации во овој дел од Европа, оваа година ќе се одржи во викенд, од 12 до 14 јануари, па организаторите очекуваат уште полуда забава и поголема посетеност од вообичаено.
Како театар на слободата, критиката и иронијата, карневалот ќе ја има поддршката од Министерството за култура и министерот Роберт Алаѓозовски не криеше дека не можел да ги одбие, откако градоначалникот Сашо Јанкоски му дошол во канцеларија и го поткупил со вевчанските пари.
„Вевчанскиот карневал е бренд на Македонија и јас од пред неколку години го имам вевчанскиот пасош. Ние како Министерство во иднина го гледаме карневалот како можност за развивање на руралниот и на културниот туризам. Вака зборам затоа што градоначалникот Јанкоски ме поткупи со вевчанските пари, што со задоволство ги земав“, се пошегува Алаѓозовски.
Музичката програма на карневалот почнува на 12 јануари, со групите „Плутос даут“ и „Фолтин“ и со диџејот Кирил Џајковски, а централниот настан, дефилето на маските, е наредниот ден. Тогаш ќе настапат и „Чалгија саунд систем“, оркестарот на Џамбо Агушев и Блага Петреска.
„Бидејќи е викенд, оваа година очекуваме многу посетители. Овој карневал е уникатна критика на процесите од претходната година, театар на сатирата и нуди слобода каква што ретко каде може да се почувствува“, изјави градоначалникот на Вевчани, Сашо Јанкоски.
Г. КОНЕВ