СВЕТСКОТО ПРВЕНСТВО ВО КАТАР ЌЕ СЕ ИГРА И ВО ГОЛЕМ ШАТОР

Доха, (Дезин)

Завршена е изградбата на уште еден стадион на кој ќе се играат мечеви од Светското првенство во Катар следната година. Стадионот „Ал Бајт“ ќе може да прими 60.000 гледачи, а она по што е специфичен е што има изглед на шатор.

Името и дизајнот се инспирирани од шаторите што традиционално ги користеле номадските народи во земјата и регионот. Надворешните ѕидови и шилестите покриви на секоја од четирите трибини се покриени со политетрафлуоретилен, плетена мембрана од фиберглас со која се доловува изгледот на шатор.

„Ваквиот дизајн на стадионот е и доста практичен. Сенката што ја обезбедуваат структурата и подвижниот покрив помага да се одржи пријатна температура во стадионот, без да се троши дополнителна енергија“, велат организаторите.

По завршувањето на Мундијалот, горниот дел од седиштата ќе биде отстранет и на тоа место ќе се отвори луксузен хотел, а самиот стадион ќе има капацитет од 32.000 гледачи.