Облечен во килт и придружуван од верно хаски, Шкотланѓанецот Мајкл Јелоулис ја комплетираше својата 8.000 километри долга прошетка низ Канада, преку која собираше пари за обновување на Шкотските Гори. Тие во неделата ја завршија деветмесечната одисеја, пристигнувајќи на најисточната точка на Канада, ‘ртот Спир.
Јелоулис и Луна во март тргнале од Тофино во Британска Колумбија, со амбиција да ги поминат планините и прериите на втората најголема земја на светот. Тој се здружи со хуманитарната организација „Trees For Life“, во обид да се зачува и обнови древната Каледонска шума, која во минатото покривала најголем дел од Шкотска. Како резултат на повеќевековното претерано сечење, таа денес е сведена на само 35 поединечни делови.
Триесет и двегодишниот Јелоулис носел килт секој ден од своето патување, и низ снежните бури во Карпестите Планини и на студениот дожд во Њуфаундленд.
„Ја избрав Канада за мојата авантура за да го доловам чувството на огромна дивина која сѐ уште постои во оваа земја. Се надевам дека ќе успееме да ги обновиме шкотските шуми кои се изгубени во изминатите векови“, кажа Јелоулис.