БИВШИОТ Ф-1 ПРВАК КИМИ РАИКОНЕН ЈА ЗАВРШУВА КАРИЕРАТА ВО СПОРТОТ ШТО НИКОГАШ НЕ МУ БИЛ ВАЖЕН

Абу Даби, (ДПА)

И додека Луис Хамилтон и Макс Ферстапен имаат еднакви шанси за титулата во пресрет на финалето на сезоната во Абу Даби, Кими Раиконен ќе ги вози своите последни кругови во Формула 1 кариерата. Финецот е култна личност за Ф-1 фановите и последен возач кој станал светски првак со Ферари, во далечната 2007 година.

Тој дебитираше во Формула 1 во 2001 со Заубер, со претходно тркачко искуство од само 23 трки. Потоа возеше за Мекларен, Ферари и Лотус, а ќе се пензионира како член на Алфа Ромео со скор од 21 победа, 108 подиуми и 349 извозени трки.

Сега веќе 42-годишен, Раиконен имаше можност да се трка против Михаел Шумахер и неговиот син Мик, како и против таткото и синот Ферстапен, Јос и Макс.

„Не се чувствувам стар. Почнуваш да се чувствуваш старо кога си стар во главата“, вели Раиконен.

Тој никогаш не бил познат по изразувањето емоции, што и му го донело прекарот Ајсмен.

„Мојата сопруга веројатно ќе биде поемотивна од мене“, ги коментираше Раиконен информациите дека во Абу Даби доаѓаат неговата сопруга Минту и двете деца.

Кими вели дека нема некои планови за иднината откако ќе је заврши кариерата во спортот што никогаш не го сфаќал сериозно.

„Отсекогаш сум го сметал мојот приватен живот за поважен од самата Формула 1. Таа ми одземаше многу време, но никогаш не била најважната работа во мојот живот“.