МИЛАН И ИНТЕР ЌЕ ГО ЗАМЕНАТ СТАДИОНОТ „САН СИРО“ СО „КАТЕДРАЛА“

Милано, (Дезин)

Интер и Милан објавија дека легендарниот „Сан Сиро“ ќе го замени стадион дизајниран од архитектонското студио „Популус“. Именуван „Катедрала“, тој ќе биде новиот дом на двата фудбалски клуба од Милано, кои го делеа сегашниот стадион од 1926 година.

Формата на новиот стадион е инспирирана од двете најпознати згради во Милано, катедралата Дуомо и аркадата на галеријата „Виторио Емануеле Втори“. Стадионот со 60.000 седишта ќе има правоаголна форма и ќе биде опкружен со вертикални перки, кои се замислени како поддршка за стаклен ѕид.

„Внатрешноста е дизајнирана да биде најинтимна во Европа, при што фановите ќе бидат многу блиску до теренот. ‘Катедрала‘ ќе стане еден од најлегендарните стадиони на светот и обележје на градот“, изјави директорот на „Популус“, Кристофер Ли.

Стадионот ќе се гради на просторот покрај „Сан Сиро“, кој ќе биде урнат, а областа ќе се претвори во пешачка зона, со повеќе од 110.000 квадратни метри зеленило.