ЛЕГЕНДАРНИОТ БОБ ТИМ НА ЈАМАЈКА СЕ ВРАЌА НА ОЛИМПИЈАДАТА ПО 24 ГОДИНИ ПАУЗА

Кингстон, (Ен-Би-Си)

Прославениот боб тим на Јамајка се враќа на Зимските олимписки игри, чиј домаќин од 4 февруари ќе биде Пекинг.

Повеќе од три децении од дебито во Калгари, што послужи како инспирација за филмот „Cool Runnings“, Јамајка повторно ќе се натпреварува во боб четирисед. Јамајка, всушност, првпат се квалификуваше со три тима, па во Пекинг ќе настапи и во машки боб двосед и во женски монобоб, што е нова олимписка дисциплина.

„Јамајка, имаме боб тим на Олимпијадата. Ќе гори мразот во Пекинг“, објави Олимпискиот комитет на Јамајка на Твитер.

Последниот пат кога четириседот на Јамајка настапи на Олимписките игри беше во Нагано во 1998 година. Дел од овој тим беа и членовите на оригиналниот квартет од 1988, браќата Крис и Дадли Стоукс. Крис денес е претседател на Боб федерацијата на Јамајка.

Најдобриот пласман на боб тимот на Јамајка на олимпијадите е 14. место.